Информација од извршени вонредни инспекциски надзори на ДСЗИ по оперативни блокови
Во периодот од 20.09.2022год. до 12.10.2022год. Државниот санитарен и здравствен инспекторат во соработка со ЈЗУ Институт за јавно здравје на РСМ, согласно надлежностите кои произлегуваат од Законот за заштита на населенето од заразните болести како и Правилникот за поблиските критериуми за спречување и сузбивање на интрахоспиталните инфекции, изврши вонредни инспекциски надзори во оперативните блокови при јавните здравствени установи на територијата на Република Северна Македонија, со акцент на спроведувањето на асетптични постапки и услови за работа при вршењето на хирушките интервенции во оперативните блокови во јавните болнички здравствени установи.
При тоа со надзорите беа опфатени општите болници, општите болници со проширена дејност, специјализираните болници, трите клинички болници, како и универзитетските клиники кои располагаат со операциони сали.
При надзорите, по насоки на државните санитарни и здравствени инспектори, од страна на стручната екипа од ЈЗУ Институт за јавно здравје беа земени брисеви од работни површини, опрема и инструментариум од операционите сали, просторите за стерилизација, рикавери и други простории во функција на оперативните блокови како и примероци од воздух на кои микробиолошка анализа им беше извршена во Одделението за микробиологија при ЈЗУ ИЈЗ на РСМ. Истовремено извршен е увид во однос на начинот на обезбедување на воздухот во оперативните блокови (централна вентилација, клима уреди) како и начинот на користење на УВ лампите кои се користат за дезинфекција на воздух во овие простории, динамика на спроведување на микробиолошкиот мониторинг во оперативните блокови, контрола на исправност на опрема за стрилизација и др.
Согласно добиените резутати од микробилошките испитувања, може да се заклучи дека кај најголем дел од земените брисеви од работни површини, опрема и инструментариум, ги задоволуваа хигиенските стандарди, додека кај извесен број на земени примероци од воздух, земените примероци не ги задоволуваа хигиенските стандарди.
Во врска со позитивните наоди од микробиолошките испитувања, во рамките на здравствените установи веднаш беа свикувани состаноци на Комисиите за следење на интрахоспитални инфекции на кои се донесоа предлог мерки за превземање, по што во соработка со надлежен Центар за јавно здравје беа земени контролни примероци на воздух. Согласно доставените резултати, по преземањето на предложените мерките, примероците ги задоволуваа хигиенските стандарди.
Покрај наведеното, при надзорот од страна на државните санитарни и здравствени инспектори беа контролирани и другите законски обврски на зравствени установи кои произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразните болести (вршење на задолжителни здравствено-хигиенски прегледи за вработените, спроведување на превентивна ДДД), од Законот за управување со отпад (селекција на медицинкиот отпад на место на создавање, обезбедено локално и централно собирно место, договори со овлстени служби за негово подигање и транспорт) како и од Законот за заштита од пушењето (дали се почитува одредбата од законот за забрана за пушење во здравствени установи).
Врз основа спроведените вонредни инспекциски надзори, може да се заклучи дека во надзорираните здравствени установи воглаво се почитуваат одредбите од наведените закони.