Информација од спроведен вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ КБ Битола за починат пациент С.Т.
По добиената наредба од министерство за здравство со број 17-8027/1 од 28.09.2023г. која се однесува на спроведување инспекциски надзор во врска лекувањето и третманот на починатот пациент С.T од с. Цапари-Битола, од страна на ДСЗИ ПО Битола на ден 29.09.2023 год.извршени се вонредни инспекциски надзори во ПЗУ д-р Вангел – ординација по општа медицина во која С.Т бил прикрепен како матичен пациент и во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, каде му е пружана здравствена услуга во неколку наврати при што е констатирана следната фактичка состојба :
При увидот во ПЗУ д-р Вангел ординација по општа медицина лоцирана на ул. „Паца Ванчова„ бр. 18 –Битола податоците се добиени од увидот во електронската евидeнција. Сегашна болест :
На ден 11.09.2023г. евидентирана посета со дијагноза -рутинска општа проверка и туѓо тело преку кожата.Креиран лабораториски упат ЛУ1-а за дијагностичка биохемиска лабораторија и специјалистички упат до ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски„ Битола- општа хирургија .
На ден 12.09.2023 евидентирана посета зарадипрепишување таблетарна антибиотска терапија од страна на матичниот лекар.
На ден 26.09.2023 евидентирана посета заради преглед и поставена дијагноза -треска од непознато потекло и акутен тонзилит при што е му е издаден специјалистички упат до ЈЗУ Клиничка болница Битола- одделение за инфективни болести.
Освен горенаведното , кај матичниот лекар не се евидентирани пружени здравствени услуги за хронични заболувања.
Од извршениот инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола од медицинската евиденција и документација во пишана и електронска форма која се води за пациентот С.Т во установата, констатирана е следната фактичка состојба:
Пациентот С.Т за прв пат се јавил на одделението за хируршки болести за преглед на ден 11.09.2023г. во итната хируршка амбуланта, , со дијагноза Corpus allienum(страно тело). Прегледот е извршен од специјалист по општа хирургија при што е издаден дополнителен упат за РТГ на десно рамо .
На ден 12.09.2023г. на одделението за хируршки болести отстрането е страното тело кое е дијагностицирано од РТГ снимката.
Наредна евидентирана посета на С.Т во болницата е на ден 26.09.2023г кога се јавува на одделението за инфективни болести и фебрилни состојби, Прегледот е заведен во амбулантскиот дневник, под Дг.треска од непознато потекло и акутен тонзилит. Од издадениот извештај од специјалист инфектолог, видливо е дека пациентот е прегледан, дадени се дополнителни упати за биохемиски и микробиолошки анализи за брис од нос и грло, дадена е интравенска терапија за три дена, препишана терапија за дома и закажана контрола. Истиот ден направени се биохемиските анализи.
На ден 27.09.2023г. пациентот во утринските часови се јавил во службата за ургентна медицина поради влошување на здравствената состојба. Креиран е упат до одделението за интерна медицина. Во амбулантскиот дневник од ургентната интерна амбуланта заведен е поддијагноза , – идиопатска хипотензија ,направен прием од лекар специјалист интернист –кардиолог , извршен е преглед, ЕКГ, дадена е терапија и креиран е болнички упат.
Отворена е историја на болест со запис за прием на болен на 27.09.2023г во 08.05 мин. со уредно евидентирани анамнестичките податоци за пациентот и податоците од извршениот преглед. Составен дел на историјата е и следната медицинска документација: терапевтска листа со дадена терапија и мерени параметри; упати и анализи од ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина; извештај од рентген дијагностика, ЕКГ; креиран упат и извештај за ехо на абдомен (ехо на абдомен е направен во два наврати), креиран е упат за ехо на срце кој преглед е извршен на одделението САРИЛ каде пациентот е префрлен во на ден 27.09.2023 год.во 12,45 минути заради влошување на здравствената состојба.
Од работната листа на одделот за реанимација и интензивно лекување, е утврдено дека приемот на САРИЛ е направен од страна на специјалист по анестезија и реанимација Во склоп на листата се и резултатите од извршените биохемиски анализи и тоа во: 12.45ч., 14.18ч., 14.20 и 14.43ч; анализа на гликемија во 13,00 часот и извештајот од извршени анализи од трансфузија во 15,00 часот. Исто така од страна на специјалист по анестезија и реанимација рачно е забележан развојот на здравствената состојба кај пациентот.
На последната страна од историјатана болест забележани се извршените конзилијарни прегледи од специјалистите по: ОРЛ, офталмологија и неврологија. Во историјата се и извештаите од направените КТ на: глава, абдомен и мала карлица и бели дробови .
Во историјата е потврдата за смрт и лекарски извештај за причината за смрт, Од потврдата за смрт е утврдено дека настапила на ден 27.09.2023 во 18.27 часот.
Телото е предадено на патоанатомска обдукција
Заклучок: Државниот санитарен и здравствен инспекторат смета дека е потребно формирање на Комисија за стручен надзор која ќе го опфати пружањето на здравствена заштита и лекување на пациентот С.Т од периодот кога е поставена дијагноза за постоење страно тело , негово отстранување со хируршка интервенција, посетатаа на пациентот на одделението за инфективни болести ,па се до болничкиот третман до кој дошло заради наглото влошување на здравствената состојба која довела до смртен исход.