Информација за надзор над безбедност на козметички производи, детски играчки и предмети за општа употреба во промет за 2023 год.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат во областа на санитарно-хиегиенската и епидемиолошката заштита врши надзор особено над безбедност на детските играчки, козметичките производи и определени предмети што при употреба доаѓаат во непосреден допир со кожа и слузница, согласно член 4 став 1 точка 2 од Законот за санитарна и здравствена инспекција (Сл. весник на РМ бр.71/06…83/18), како и одредбите од Законот за безбедност на козметички производи (Сл. весник на РМ бр.55/07….150/15 и ,, Сл весник на РСМ,, бр. 236/2), Законот за општа безбедност на производите (Сл весник на РСМ,, бр. 320/2020) и
Правилникот за безбедност на детски играчки (“Службен весник на Република Македонија“,бр.149/10..17/12 ).
Во текот на 2023 година Државниот санитарен и здравствен инспекторат реализираше четири акции – инспекциски надзори кај субјекти на надзор кои вршат промет со детски играчки и козметички производи.
I Акција –безбедност на козметички производи.
Во период од 13 до 17 февруари 2023 година извршени се инспекциски надзори во 16 градови на територија на Република Северна Македонија, при што извршени се вкупно 36 инспекциски надзори.
Утврдени се недостатоци во два случаи во однос на неспроведена превентивна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектот, како и во однос на усогласување на означувањата и роковите на траење на козметичките производи.
II Акција –безбедност на детски играчки со мостри за лабораториско тестирање.
Во период од 27 март до 31 март 2023 год. Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведе акција – безбедност на детски играчки со земање на мостри за лабораториско тестирање во објекти за промет на територија на сите Подрачни одделенија. Предмет на лабораториско испитување беа играчките наменети за деца под 36 месеци. Овие производи треба да бидат изработени од материјал што може да се дезинфицира, при што играчката не смее да го промени квалитетот. Играчките кои не се наменети или се опасни за деца под 36 месеци, мораат да имаат јасно предупредување со текст или слика, предупредувања и мерки на претпазливост кои треба да се превземат кога се користи одредена категорија играчки.
Од извршените 15 вонредни инспекциски надзори само во еден случај се констатирани недостатоци за кој е издадено решение со опомена во однос на декларацијата на производите. Кај сите играчки декларацијата е иста, независно од возраста и не соодветствува со декларацијата на производителот.
Во однос на земја на потекло, 14 примероци детски играчки се со потекло Р.Кина , една играчка потекло од Турција .
Сите примероци детски играчки се доставени до ЈЗУ Институт за јавно здравје на РМ – одделение за испитување на здравствена исправност на предмети за општа употреба (Оддел за хемиски и радиолошки тестирања).
Согласно Правилникот за детски играчки(Сл. весник на „Република Македонија„ бр. 149/2010 и 17/2012) како и Европските стандарди ЕН-71, испитувани се следните параметри:
- специфична миграција на тешки метали: олово, кадмиум и вкупен хром (акредитирана метода, согласно ЕN 71-3:2019),
- специфична миграција на сума од примарни ароматични амини (акредитирана метода, согласно LMBG, L 00.00-6),
- механички и физички својства, согласно EN 71-1
- електрични својства, согласно EN 71-1
- запалливост, согласно EN 71-2
- испуштање на боја во симулантен раствор.
Сите примероци тестирани лабораториски се здравствено исправни и соодветни за детска употреба.
III Акција – безбедност на козметички производи во промет со земање на примерок за лабораториско тестирање.
Во период од 09 до 13 октомври 2023 година извршени се 16 инспекциски надзори на територијата на РСМ и земени се 16 примероци козметички производи. Истите се доставени до Институт за Јавно Здравје на РМ.
Согласно Правилникот за критериуми за микробиолошка и хемиска чистота на козметичките производи и методите за проверка на тие критериуми ,,Сл . Весник бр. 94/2010 и прописите за здравствена исправност, испитувани се следните параметри:
- Микробиолошка исправност на производите
- Присуство на тешки метали
- PH вредност на производот
Сите испитани примероци се безбедни со забелешка во однос на декларацијата на производите .
Од вкупно лабораториски испитани 31 примерок од промет во 2023 година нема небезбедни детски играчки и козметички производи.
IV Акција за извршени редовни инспекциски надзори кај субјекти на надзор кои вршат промет со детски играчки.
Во периодот од 11 до 15 декември 2023 година извршени се 35 редовни инспекциски надзори кај субјекти кои вршат промет со детски играчки во 16 градови на територија на Република Северна Македонија.
Утврдени недостатоци во однос на небезбедни детски играчки :
- ,,CE ,, означување.
- Означување за возраст.
- Декларации на македонски јазик.
- Непотполни декларации и предупредувања на играчки класифицирани во прилог 5 бел Б од Правилникот .
- Контрола на физички и механички својства
Од страна на ДСЗИ ставени се вон промет небезбедните играчки (времено повлекување од пазарот) до обезбедување на соодветни декларации.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат согласно годишен план за работа за 2024 година во приоритетите на своето работење во континуитет ги планира инспекциските надзори и акции над безбедност на детските играчки и козметички производи со цел заштита на здравјето на луѓето.
Исто така од аспект на транспарентност во работењето сите важни информации како и небезбедни производи со слика и текст се достапни на Веб страната на инспекторатот со цел навремено и точно информирање. на граѓаните на Република Северна Македонија.